Заменик министерот Макрадули: Владата е посветена на подобрувањето на квалитетот на водите и рационално искористување на нејзиниот потенцијал

(03.12.2019г.) Makraduli_SaemObnovliviIzvoriEnergija_3Денеска во Скопје, во рамки на Првиот меѓународен саем и конференција за обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност, отпад и вода во организација на RENEXPOсе одржа конференција за одржливо управување со водите во Република Северна Македонија. На конференцијата се обратија Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје и заменик министерот за животна средина и просторно планирањеЈани Макрадули.

Заменик министерот Макрадули во своето обраќање ја пренесе политичката воља и посветеноста на Владата на Република Северна Македонија, за подобрувањето на квалитетот на водите и рационално искористување на нејзиниот потенцијал, како императив на сите државни и јавни институции, но и спремност за соработка со разни чинители, затоа што постигнувањето на зацртаните цели е можно само со заеднички, осмислени и планирани активности и мерки.

“Токму затоа, како заменик министер за животна средина и просторно планирање, посветен сум на воспоставување на комплементарна, балансирана платформа помеѓу соодветното управување со водните ресурси, што претставува еден од најбитните обновливи извори на енергија, и заштитата на животната средина, односно воспоставување на соодветна рамка и правци за стопански развој на нашата држава”, истакна Макрадули.

Според него, од исклучителна важност е и тоа што заштитата на животната средина добива свое место во рамки на Берлинскиот процес.

- Нашата политичка волја ја демонстриравме и со Акцискиот план согласно Преспанскиот договор, каде заеднички работиме на повеќе проекти поврзани со управување со прекуграничните води, спречување на загадувањето на водата и надзор на квалитетот на водата, а сето тоа во склад со важечките меѓународни спогодби и барањата кои произлегуваат од правото на ЕУ.

На конференцијата домашни и странски експерти учествуваа со свои трудови за планираните и спроведените проекти, кои на најдобар начин ги илустрираат најновите случувања и трендови од секторот на енергетика, заштита на вода и управување со отпад. На тој начин се овозможи размена на искуства и знаење во областа на заштитата и одржливото управување со водите, следење на актуелните трендови за поголемо искористување на обновливите извори на енергија како начин за зачувување на природните ресурси и зачувувањето на животната средина.